Барселона го продолжи договорот со својата нова тинејџерска ѕвезда Педри, кој содржи откупна клаузула од една милијарда евра. Новиот договор има важност до 30 јуни 2026.
Осумнаесетгодишниот Педри дојде во Барселона од Лас Палмас во август 2020 и минатата сезона одигра дури 53 натпревари, повеќе од кој било друг играч на клубот. Со репрезентацијата на Шпанија стигна до полуфиналето на ЕП и освои сребро на Олимписките игри во Токио, уживајќи голема доверба кај селекторот Луис Енрике.
Новиот договор за Педри е ретка добра вест за клубот, кој се наоѓа среде финансиска и резултатска криза и моментално е деветти во првенството.