„Нокија“ го врати еден од своите класични мобилни телефони „6310“, за да ја одбележи 20-годишнината од неговото појавување на пазарот. „ХМД глобал“, компанија која ги произведува телефоните на „Нокија“, вели дека уредот ја има оригиналната и легендарна силуета на „6310“, како и батерија со долг работен век, по што исто така беше препознатлив.

Телефонот доаѓа со копија на класичната мобилна видеоигра од 1990-ите „Змија“, како и со цврста форма, поради која и го доби прекарот цигла.

Бидејќи во меѓувреме поминале 20 години технолошка еволуција, телефонот има мали измени, како поголеми копчиња и зумирање на менито заради полесно читање. И екранот е поголем, 2,8-инчен со 320х240 пиксели, наспроти оригиналниот од 1,8 инчи и 120х160 пиксели.

„‘6310‘ беше омилен меѓу тинејџерите кога се појави поради своите доверливост, цврста форма и долготрајна батерија. Новата верзија е совршен лек за копнежот по носталгија“, изјави портпаролот на „Нокија“.

Од компанијата велат дека батеријата трае 19 часови ако телефонот активно се користи, а ако е во мирување, нема да треба да се полни 21 ден.

„Нокија 6310“ престана да се произведува во 2005, кога беше заменет со моделот „6230“. Оригиналната верзија имаше основен пристап до интернет и меморија од 174 килобајти.