ТУВАЛУ САКА ДА ОСТАНЕ ДРЖАВА И АКО ПОТОНЕ ПОРАДИ КЛИМАТСКИТЕ ПРОМЕНИ

Тувалу, (Ројтерс)

Малата пацифичка нација Тувалу разгледува правни начини како да ги задржи сопственоста врз своите поморски зони и признанието како држава ако целосно потоне како резултат на климатските промени.

„Го замислуваме најлошото сценарио, кога сме принудени да се преселиме или нашата земја е потоната. Ги разгледуваме правните начини како да го задржиме статусот на независна држава според меѓународното право“, изјави министерот за правда и надворешни работи Сајмон Кофе.

Снимката на која Кофе се обраќа на самитот за климата во Глазгов стоејќи во вода до колена на големо се споделуваше на интернет во изминатите денови. Тој вели дека на тој начин сакал да испрати порака со колкава опасност се соочува неговата земја.

Тувалу е држава со 11.000 жители, каде што највисоката точка е на надморска височина од четири и пол метри. Од 1993, нивото на морињата расте за пола сантиметар годишно, па Тувалу најдиректно ги чувствува ефектите на климатската криза.

„Местото од кое го држев говорот порано беше сува земја. Луѓето од Тувалу се тесно поврзани со својата земја и некои од постарите велат дека ќе потонат со неа“, рече Кофе.