23. ИЗДАНИЕ НА ТАКСИРАТ ЌЕ СЕ ОДРЖИ НА 7 ДЕКЕМВРИ, „ПАРТИБРЕЈКЕРС“ ПРВО ПОТВРДЕНО ИМЕ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

По една година пауза поради пандемијата, овој декември повторно ќе се одржи фестивалот Таксират и организаторот „Пасворд продукција“ почна да ги објавува првите детали. Главната вечер е закажана за 7 декември во арената „Борис Трајковски“.

Еден од најдолговечните српски рок бендови „Партибрејкерс“ по подолго време доаѓа во Македонија, откако беше потврден како прв учесник на 23. Таксират. Предводен од Зоран Костиќ-Цане, бендот е основан во далечната 1982, а три години подоцна го објави и првиот албум. Дискографијата на „Партибрејкерс“ содржи осум студиски изданија, од кои последното излезе во 2015.

Од „Пасворд“ најавуваат дека листата учесници ќе се дополнува во наредните денови.