АМЕРИКАНЦИТЕ ГО СТАВИЈА „ПЕЛИНКОВЕЦ“ МЕЃУ 15-ТЕ ПИЈАЛАЦИ ШТО МОРА ДА СЕ ПРОБААТ

Загреб, (Индекс)

Американскиот весник „Ју-Ес-Еј тудеј“ го прогласи хрватскиот пелинковец „антик“ за еден од најинтересните пијалаци на светот и го стави на својата листа на 15 алкохолни пијалаци, ликери и пакувани коктели што мора да ги пробате. „Бадел“ го произведува „антик“ по оригинален рецепт од основањето во 1862 година.

„Иако не е толку раширен во САД како шкотско виски или италијанско амаро, ‘пелинковец‘ е интересен ликер кој вреди да се проба. Иако во мешавини со пелин ужива целиот Балкан, ‘антик’ му дава изразено хрватски шмек на овој пијалак, што основачот на компанијата Фрањо Покорни го креирал како помош при варење. ‘Антик‘ оди одлично во коктели, но за најдобар резултат, пијте го со коцка мраз и кришка портокал“, напиша „Ју-Ес-Еј тудеј“.

Пијалакот се прави од 100% природни состојки, а рецептот е најстар и најдобро чуван во „Бадел“.

Меѓу пијалаците кои се најдоа на листата се и румовите „ново фого“ и „коконат картел“, вискито „јелоу роуз“, џиновите „скејпгрејс блек“ и „фордс“ и коктелот во лименка „сипони“.