ПЛАТИНЕСТИОТ ЈУБИЛЕЈ НА ЕЛИЗАБЕТА ВТОРА НА ТРОНОТ ЌЕ СЕ ОДБЕЛЕЖИ СО ПРАЗНИК, КОНЦЕРТ И НОВ ПУДИНГ

Лондон, (Би-Би-Си)

Со четири дена празник и концерт со некои од најголемите имиња во забавната индустрија ќе се одбележи платинестиот јубилеј на кралицата Елизабета Втора, односно 70 години откако седна на британскиот престол. Тие се дел од прославите што Бакингамската палата ги планира оваа година, а првиот настан почнува уште денеска, натпревар да се измисли нов пудинг во чест на кралицата.

На 6 февруари, денот кога во 1952 година почина нејзиниот татко, кралот Џорџ Шести, Елизабета Втора ќе стане првиот монарх во британската историја со платинестиот јубилеј. Како и при златниот и дијамантскиот јубилеј, првата недела во јуни беше избрана за славеничкиот викенд, зашто тој период нуди поголеми шанси за поубаво време од февруари. Прославите ќе кулминираат со четиридневен празник, од 2 до 5 јуни.

Ова ќе ѝ биде прв јубилеј без сопругот, принцот Филип, кој почина во април минатата година.

Засега е нејасно дали кралицата, која во април ќе наполни 96 години, ќе присуствува на настаните, откако лекарскиот тим ја советуваше да одмора неколку недели по престојот во болница во октомври.