Дела од десетина светски познати композитори ќе бидат на репертоарот на традиционалниот Василичарски концерт, што ќе има две изведби во Националната опера и балет, утре и в четврток, со почеток во 20 часот.
Насловен „Viva L’Opera“, режисер на настанот е Дејан Прошев, а ќе диригираат Бисера Чадловска и Иван Еминовиќ. Настапуваат оперските пејачи Весна Ѓиновска-Илкова, Сандра Митровска, Дешира Ахмети-Крлиу, Наде Талевска, Ѓорѓи Цуцковски, Борис Трајанов, Марјан Јованоски и Александар Стефаноски, како и хорот и оркестарот на НОБ.
Тие ќе изведат арии, дуети и хорски делници од опери и оперети од Моцарт, Белини, Делиб, Пучини, Верди, Џордано, Леонкавало, Калман и Лехар.
Цената на влезниците е 600, 800 и 1.000 денари.