Аукциската куќа „Сотбис“ ќе стави на продажба црн дијамант, за кој се вели дека не потекнува од овој свет. Наречен Енигма, овој редок скапоцен камен има 555,55 карати и ќе биде изложен во Дубаи и Лос Анџелес, пред да се најде на аукција во Лондон следниот месец. „Сотбис“ очекува да се продаде за најмалку 6,8 милиони долари.
„Формата на дијамантот е заснована врз блискоисточната амајлија хамса, која има облик на човечка дланка и служи за заштита“, изјави Софи Стивенс, специјалистка за накит во „Сотбис“ во Дубаи, додавајќи дека веројатно потекнува од вселената.
Црните дијаманти, познати и како карбонадо, се многу ретки и во природата се наоѓаат само во Бразил и средна Африка. Теоријата за нивното космичко потекло е заснована врз нивните јаглеродни изотопи и високата содржина на водород.