ВО СРБИЈА ЌЕ СЕ ПРОИЗВЕДУВААТ ЕЛЕКТРИЧНИ АВТОМОБИЛИ ОД 2024

Белград, (Н1)

Србија постигна договор за производство на електрични автомобили во Крагуевац, но претседателот Александар Вучиќ не откри за кој модел станува збор. Веста беше потврдена по состанокот со Карлос Тавареш, извршниот директор на концернот „Стелантис“, кој обединува 16 автобрендови, меѓу кои и „Фиат“, „Крајслер“, „Пежо“, „Опел“, „Ситроен“ и „Џип“.

Вредноста на инвестицијата е 190 милиони евра, од кои Србија ќе обезбеди 48 милиони.

До крајот на 2023 фабриката во Крагуевац ќе мора да се прилагоди на новиот начин на производство, при што во неа ќе се инсталира нова платформа за електрични возила.

„Пред нас е период на транзиција, зашто фабриката ќе мора да се менува. Производството треба да почне во 2024. Не смеам да кажам за кој модел станува збор, освен дека е од средна класа“, кажа Вучиќ.

Тавареш додаде дека „Стелантис“ до 2030 година ќе лансира меѓу 70 и 100 нови модели на електрични и хибридни автомобили.