Кенијката Ана Кабале Дуба, која води кампањи против рани бракови и осакатување женски гениталии, освои награда од 250.000 долари откако беше прогласена за најдобра медицинска сестра на светот. Триесет и едногодишната мајка на две деца ја прими Aster Guardians Global Nursing Award на церемонија во Дубаи, а во потесна конкуренција беа уште осуммина болничари и болничарки од Индија, Обединети Арапски Емирати, Велика Британија, Австралија, Авганистан и САД.
„Среќна сум и горда зашто потекнувам од место каде што има висок степен на неписменост. Јас сум единствената од моите село и семејство која има диплома. Преку мојата фондација изградив уникатно училиште во моето село Торби, во кое што се образуваат и деца и нивните родители“, изјави Дуба, која завршила постдипломски студии по епидемиологија.
Повеќе од 24.000 пријави пристигнале за наградата, која се додели за првпат.
Дуба, која има 18 браќа и сестри, вели дека и самата поминала низ осакатување на гениталиите кога имала 12 години и едвај се спасила од присилен брак на 14 години.
„Со парите планирам да отворам уште едно училиште, со цел уште повеќе деца да имаат пристап до образованието. Исто така, сакам да отворам прифатилиште за родилки“, кажа Дуба.