АВСТРИЈА НЕМА ИЗЛЕЗ НА МОРЕ, НО ГИ ИМА НАЈЧИСТИТЕ ВОДИ ЗА КАПЕЊЕ ВО ЕВРОПА

Брисел, (Си-Ен-Ен)

Квалитетот на водите за капење во Европа драстично се подобри во изминатите децении, а во новиот извештај на Европската агенција за животна средина (ЕЕА) речиси 85% од локациите за капење се оценети како одлични.

Годишниот извештај анализираше речиси 22.000 континентални и крајбрежни локации за капење во ЕУ, Албанија и Швајцарија. На врвот на листата се најде земја која нема излезе на море.

Во Австрија, која располага со бројни прекрасни езера, 97,7% од водите се оценети како одлични.

Зад неа се пласираа четири медитерански дестинации, Малта (96,6%), Грција (95,8%), Хрватска (95,7%) и Кипар (93,3%), а Данска (91,9%) и Германија (90,4%) се преостанатите две земји во кои што девет од 10 локации добија највисока оценка. Во првите десет уште се Бугарија (89,9%), Литванија (89,2%) и Португалија (88,5%).

Локалните и националните власти анализираа примероци вода земени за време на сезоната на капење, со цел да се откријат бактерии кои укажуваат на загадување од канализација или одгледување добиток. Во Франција, дури 99 локации ја добиле најниската оценка, што значи дека би требале да бидат затворени за капење низ целата сезона.