Пол Макартни го прослави 80. роденден пеејќи ја „Glory Days“ заедно со Брус Спрингстин пред 60.000 фанови во Њу Џерси. Легендарниот Битл со тој концерт ја заврши кратката американска турнеја, пред да биде најстарата главна ѕвезда на фестивалот Гластонбери претстојната сабота.
Покрај Спрингстин, на сцената се качи и Џон Бон Џови и побара од присутните во еден глас да му ја отпеат роденденската песна на Макартни.
Како и неколкумина други припадници на генерацијата „се надевам дека ќе умрам пред да остарам“, што ги вклучува и Боб Дилан и членовите на „Ролинг стоунс“, и Макартни продолжува да работи, снима и настапува.
„Тој има младешка, безвременска енергија. Во него сè уште има од она 21-годишно момче, што блеска низ сите негови настапи“, вели Боб Шпиц, биографот на „Битлс“.
Меѓу оние кои му честитаа роденден преку социјалните мрежи се и Ринго Стар и Јоко Оно.