„ВАЈТСНЕЈК“ НЕ ДОАЃА ВО СКОПЈЕ, ОТКАЖАН ОСТАТОКОТ ОД ЕВРОПСКАТА ТУРНЕЈА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Македонија, сепак, нема за последен пат да ги види Дејвид Кавердејл и друштвото на сцена откако „Вајтснејк“ го откажа остатокот од европската турнеја од здравствени причини. Концертот во Скопје требаше да се одржи на 12 јули.

Со жалење мора да објавиме дека поради континуирани здравствени предизвици, лекарски наредби и нашата грижа за здравјето и безбедноста на сите, ‘Вајтснејк‘ не е во можност да продолжи со својата проштална европска турнеја. Најискрено им се извинуваме на сите фанови, промотери и луѓе кои напорно работеа на овие концерти“, напиша Кавердејл на официјалната интернет страница на групата.

Минатиот месец, „Вајтснејк“ откажа три концерти, меѓу кои и оној во Загреб, откако Кавердејл добил инфекција на синусот и душникот. Претходно, гитаристот Реб Бич пропушти неколку концерти, а настапот во Шпанија беше откажан поради болест на тапанарот Томи Алдриџ.