Фејсбук објави дека ќе направи значајни промени во начинот на којшто работи фидот за вести, при што објавите од компании, брендови и медиуми ќе бидат помалку видливи.
Место тоа, во прв план ќе биде комуникацијата помеѓу пријатели и членови на семејства, објасни Марк Закерберг, признавајќи дека со тоа ќе падне популарноста на постовите што ги објавуваат организации.
Промените ќе стапат на сила во наредните неколку недели.
„Често примаме реакции од нашата заедница дека е преоптоварена со објави од компании, брендови и медиуми, поради што се испуштаат лични моменти, кои би требало уште повеќе да ги поврзуваат луѓето. Јас и мојот тим чувствуваме одговорност да го направиме Фејсбук добар за благосостојбата на луѓето. Во иднина, ако некоја јавна содржина треба да се промовира, тоа ќе треба да поттикне интеракција со заедницата, како што е случај со оние тесни групи во коишто се дискутира за ТВ-програма или спорт“, појасни Закерберг.
Тој претходно вети дека ќе го „поправи“ Фејсбук во 2018 година, со цел корисниците да бидат заштитени од злоупотреби и времето поминато на мрежата да биде добро поминато.
„Со овие промени, можеби, некои луѓе ќе поминуваат помалку време на Фејсбук, но тоа ќе биде вредно поминато време“, смета Закерберг.