Триото на бразилскиот пијанист Амаро Фреиташ ја отвора третата вечер на 41. Скопски џез фестивал со настапот во Националната опера и балет (20 часот).
Фреиташ важи за еден од најзначајните џез пијанисти од новата генерација, а во Скопје ќе го претстави новиот албум „Санкофа“, опишан како негов најубав и најискрен досега.
По него следува „Субтропик аркестра“, супергрупата на шведскиот трубач со хрватски корени Горан Кајфеш. Неговиот бенд го сочинуваат некои од најдобрите шведски џез музичари, а допира најразновидни културни пејзажи: ерменски фолк танц, турски психоделичен фанк, весела бразилска музика, шведски експериментален рок од 1970-ите, нигериски афробит, етиопски звуци, американски инди рок и многу други.
Полноќниот настан во МКЦ е резервиран за светската премиера на новиот електронски проект на Американците Роб Мазурек и Дејмон Локс, „Њу фјучр сити радио“. Тоа ќе биде втор настап на Мазурек на овој СЏФ.