ФРАНЦУСКИ СЛАТКАР НАПРАВИ ЧОКОЛАДО СО НАЈЛУТОТО ПИПЕРЧЕ НА СВЕТОТ

Париз, (Ројтерс)

Тешко е да се измисли нешто ново за годишниот париски саем на чоколадото, но францускиот производител Дамијан Видал најде начин, збогатувајќи го вкусот со најлутото пиперче на светот.

Покрај традиционалните состојки како малина, ликер и маракуја, неговите топчести чоколада „Bille en tete“ се зачинети со „каролина рипер“, најлутото пиперче на светот, според Гинисова книга на рекорди. Тој успеал да стави доволно чили за да им даде лутина, но не премногу за да не бидат непријатни.

„Благи се и зачинети, но не презачинети. Жештината се чувствува на крајот“, изјави еден посетител од Јапонија.

Наградуваниот слаткар Видал вели дека одложениот ефект е токму она што сакал да го постигне: благо и нежно во почетокот, а потоа експлозија на вкусот, што се намалува по неколку минути.

Франција извезува над 245.000 тони чоколадо годишно, вредни речиси милијарда евра.

(Фото: Твитер)