Три децении успешно опстојување во етерот, професионални стандарди, музички избор по вкусот на слушателите и точно и навремено информирање, секогаш брзо, точно и проверено. Ова е успехот на охридското Супер радио, еден од најстарите приватни електронски медиуми во државата, кое денес го прославува 30. роденден.
„Супер радио изгради свој сопствен и препознатлив став кон случувањата и животот во Охрид. Безброј акции за помош на сограѓаните, Гинис, ‘изборот‘ на градоначалник од рипката Желба, поддршка на спортски и културни манифестации… Во исто време забавувавме и информиравме, секогаш брзо, точно и проверено. Работевме сè и добивме сè. Веќе 30 години Охрид е Супер и Супер е Охрид. Сакаме да испратиме огромна благодарност до целиот град, до сите наши слушатели, поддржувачи, деловни партнери и пријатели, до сите кои години наназад веруваа во нас и ни овозможија да ја одржиме приказната во живот“, велат од Супер радио.
Низ годините, тука поминале најдобрите новинари, техничари и водители. Радиото во својот растеж технички се унапредуваше, а денес е омилено ретко катче во Охрид кое ја има магијата што ја создава радиото како медиум.
„Полни 30 години се зад нас, години во кои поминаа многу луѓе низ радиото и сите тие оставија свој придонес во она што сме денес. Секогаш сум одел на тоа да имам мал круг големи луѓе околу себе и се држиме до тоа низ годините. Супер радио секогаш подразбирало добра работна атмосфера, место каде што се прифаќаат добри предлози, каде што од обична реченица или локална случка се правеле навистина големи работи, место каде што секој е ѕвезда. Многу често, на своја штета, весламе спроти текот на водата. Можеби тоа е некоја наша внатрешна потреба да го бараме изворот каде што водата е најчиста“, вели Сашо Митаноски, сопственикот на Супер радио.
Во своето 30-годишно постоење тука се направени бројни забавни и едукативни емисии. Има активна информативна, забавна, спортска и културно-образовна програма.
„Според сите анкети, Супер радио е убедливо најдобрата, најслушана и највлијателна локална радиостаница во Македонија. Потврда за успешната работа дојде и од локалната заедница, со доделувањето на Св. Климентовата повелба во 2017“, потенцираат од Супер радио.
С. ВРЕНЦОВСКА