ВАЖНО Е ДА ИМ БИДЕМЕ ПОДДРШКА НА ДРУГАРИТЕ СО ПОПРЕЧЕНОСТ, ВЕЛАТ ОСНОВЦИ ОД БОСИЛОВО И ГЕВГЕЛИЈА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

„Сите деца имаат исти права“, „Сите ние сме исти“, „Децата се деца, без разлика на нивниот изглед“, „Секој е посебен на свој начин“, ова се дел од пораките што во изминатите два дена ги испратија деца од општините Босилово и Гевгелија.

Стотици основци, заедно со наставниците, психолозите и педагозите од нивните училишта, учествуваа на завршните настани од проектот „Децата не се раѓаат со предрасуди“, инициран од театарот „Глада Худик“ од Шведска, што во Македонија се реализираше во соработка со здружението на граѓани за дисфункции, хендикеп, ретки болести и лица со посебни потреби „Дајте ни крилја“ и фестивалот за литература и илустрација за деца „Литера“.

Станува збор за проект кој во Шведска се реализира од 2014 и дава одлични резултати во борбата против предрасудите, а во Македонија се спроведува од 2020. Трета година по ред, во проектот „Децата не се раѓаат со предрасуди“ се вклучија 15 училишта, кои во два месеца реализираа работилници, разговараа и твореа. За активностите со училиштата се погрижи музичката уметница Ребека Јанковска-Ристески, основач на „Дајте ни крилја“.

Домаќин на настанот во Босилово беше Коста Тимов, активист за правата на лицата со попреченост и амбасадор на лицата со аутизам, кој во својот етно-ресторан „Кај Виктор“ многу често организира настани и содржини во кои се случува вистинска инклузија на лицата со попречености. Преку примерот на својот 20-годишен син Виктор, тој им порача на учениците дека со добра поддршка од средината и врсниците, и лице со аутизам може да се образува и да напредува. Виктор Тимов сега е при крај со средното образование.

Учениците од Моноспитово, Иловица и Босилово цртаа, пишуваа пораки на балони, прашуваа и разговараа. Во рамките на настанот беше отворена изложбата на фотопортрети „И јас сум тука“ на Тоше Огњанов и Сребра Ѓорѓијевска.

Вториот завршен настан се одржа во ОУ „Владо Кантарџиев“, каде што учествуваа ученици и од Богданци и Стојаково.

(Фото: Т. Огњанов)