Во Ликовниот салон во Велес се отвори изложба на четворица уметници од Велес, Живко Пренџов, Александар Јовановски, Спасе Перовски и Илко Стојановски. Тие творат во различни ликовни правци и преку заедничката изложба даваат можност за едно ретко ликовно доживување.
„Изложбата има за цел да ги презентира силината и индивидуалноста на ликовниот ракопис на секој од авторите. Живко Пренџов, Александар Јовановски Мијак и Спасе Перовски работат сликарски и графички техники, а Илко Стојановски е скулптор. Уште една нишка ги поврзува авторите, што во еден пократок или подолг временски период имале успешна наставно-педагошка дејност и едуцирале генерации млади“, кажа Елица Николова, кураторка на изложбата.
Пренџов, Перовски, Јовановски и Стојановски се претставуваат со вкупно триесетина дела: слики, скулптури и графики. Организатор на изложбата е Народниот музеј од Велес.
П. ПЕЧКОВ