Шеесет и седум милиони години стар скелет на тираносаурус се продаде на аукција во Швајцарија за 5,55 милиони франци (5,6 милиони евра). Ова беше првпат ваков примерок да се најде на аукција во Европа.
Долг 11,6 и висок 3,9 метри, скелетот е опишан како еден од најспектакуларните што постои. Неговото име е 293 Тринити, зашто бил составен од три различни тираносауруси пронајдени на локалитети во американските сојузни држави Монтана и Вајоминг. Се состои од 293 коски, ископани во периодот од 2008 до 2013 година.
Според аукциската куќа „Колер“ од Цирих, скелетот го купил приватен поединец и ќе остане во Европа.
„На светот има само 20-30 добри скелети на тираносаурус и ова е еден од најголемите и најдобри“, изјави Ханс-Јакоб Зибер од Музејот на диносауруси во швајцарското гратче Атхал.