ПАТУВАЧКАТА РЕТРОСПЕКТИВНА ИЗЛОЖБА НА ВЛАДИМИР ГЕОРГИЕВСКИ ПРЕТСТАВЕНА ВО ВЕЛЕС

Велес, (СМАРТ СДК.МК)

Во Ликовниот салон во Велес е отворена ретроспективната изложба на сликарот и скулптор Владимир Георгиевски (1942-2017). На изложбата се поставени 20 дела изработени во различни техники, кои се сопственост на неговите потомци.

„На изложбата се претставени дела со најчестите мотиви со кои се бавеше татко ми при творењето. Тоа се животот на човекот, човековиот пат составен од страдања, неговата верба или недостаток на верба, убавините на природата од која тој најмногу учеше и неговиот коментар за општеството и времето во кое живееше“, кажа Фросина Георгиевска, ќерката на авторот.

Намичева и Георгиевска на отворањето на изложбата (Фото: СДК.МК)

Има две различни поставки кои кружат низ државата како патувачки изложби. Досега беа претставени во Скопје, Штип и Свети Николе, од денеска се во Велес и Гевгелија, по што следат Кавадарци и Неготино.

„Изложбата се прави во соработка со семејството на Владимир и прави пресек на неговото творештво. Ги претставуваме помалите формати на негови слики, за да може публиката да проследи извонреден избор од големото творештво на Георгиевски“, кажа Јасминка Намичева, кустос во Музејот на Град Скопје.

П. ПЕЧКОВ