СТУДЕНТСКАТА РЕВИЈА НА ТМФ ИСТРАЖУВАШЕ РАЗЛИКИ ПОМЕЃУ РЕАЛНА И КОМПЈУТЕРСКИ СОЗДАДЕНА УМЕТНОСТ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

„Автентичност“ е темата на традиционалната годишна модна ревија на Институтот за текстилно инженерство при Технолошко-металуршкиот факултет во Скопје, што се одржа синоќа. Креациите беа дело на студенти од втора, трета и четврта година на Институтот, под менторство на проф. Лидија Георгиева.

„Како ќе знаеме што е реална уметност, а што е компјутерски креирана уметност? Поради тоа се наметна потребата да дефинираме што е тоа автентичност наспроти виртуелниот и дигиталниот свет“, вели професорката и дизајнерка Георгиева за темата на годишната ревија.

Меѓу оригиналните креации на изложбата имаше и 3-Д печатени дизајни, изработени за првпат со помош на 3-Д печатарите во лабораторијата „Ино Фаб Лаб“ на Институтот.

„Обрнавме внимание на деталите. Црпевме инспирација од морскиот свет, со цел моделот да биде едноставен, но препознатлив по деталите и бојата“, вели студентката Наталија Младеновска за својата креација.

Меѓу присутните во публиката беше и првата дама Елизабета Ѓоргиевска, која често ги носи креациите на Георгиева.

Н. МИХАЈЛОВСКИ

(Фото: А. Михајловска)