ВО ВЕНЕЦИЈА ОТВОРЕНА ИЗЛОЖБА НА 31 МАКЕДОНСКИ УМЕТНИК, КОИ ДОНИРАА ДЕЛА ПО ПОПЛАВИТЕ ВО ГРАДОТ ВО 2019

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Изложба со дела од 31 уметник од Македонија се отвори вчера во палатата Пизани-Реведин во Венеција, како проект по идеја и со кураторство на Љупка Делева, визуелна уметница која од 2001 живее во Италија. Целта е, вели таа, да се продлабочи културната и уметничка соработка помеѓу Македонија и Венеција.

(Фото: Љ. Делева)

Во 2019, кога Венеција беше погодена од поплави кои предизвикаа големи материјални штети, триесетина македонски визуелни уметници одговорија на апелот на Делева за добротворна изложба и подарија свои дела како израз на емпатија која ги поврзува народите. Покрај Делева, на изложбата има дела од Ладислав Цветковски, Микица Трујкановиќ, Симонида Китановска, Нада Прља, Жанета Гелевска-Вељановска, Гоце Наневски, Александра Димитрова, Крунислав Стојановски, Ана Спасова, Марина Лешкова, Страхил М. Петровски, Јана Манева-Чупоска, Ана Трајковска, Ива Станковска, Дарко Марковиќ (донација од Соња Абаџиева), Дијана Томиќ-Радевска, Александар Таневски, Зоран Јакимовски, Борис Шемов, Венко Цветков, „Колектив Зеро“, Дороти Пачкова, Ленче Ламбевска-Гулевска, Маја Димитрова, Дарко Аницин, Гордана Винчиќ, Тања Таневска, Предраг Тасиќ, Новица Трајковски и Виолета Чаповска.

 

„Поради пандемијата на ковид-19, замислената аукција од солидарен карактер не се реализираше, така што првичната идеја се преобрази во изложба со претставување на уметниците пред венецијанската јавност“, вели таа.

По изложбата, делата ќе бидат подарени и ќе останат во трајна сопственост на Венецијанските цивилни музеи.

Фото: Тенорот Благој Нацоски, кој живее во Италија, со Љупка Делева (десно) на отворањето на изложбата.