Во галеријата „Остен“ во Скопје, вечерва во 19.30 часот, ќе биде промовирана публикацијата „Визуелните уметности во Македонија – 20. век/Книга 2: Мултимедијална уметност“ од историчарката на уметност Соња Абаџиева. Промотор е Небојша Вилиќ.
Оваа публикација се фокусира на строгата селекција на авторите од визуелните уметности во 20. век, на оние учесници во ликовното презентирање кои биле иновативни и поекспонирани на изложбите во државава и во странство. Кај тие автори, на флексибилен начин се третираат границите меѓу сликарството, скулптурата и/или графиката, со нагласување на влегувањето во интердисциплинарни релации.
Книга 2 се фокусира на 42 творци, родени во периодот од 1936 до 1974: Лилјана Ѓузелова, Душан Перчинков, Никола Фиданоски, Симон Шемов, Виолета Блажевска, Богдан Грабулоски, Олга Милиќ, Симон Узуновски, Драгољуб Бежан, Милош Коџоман, Драган Петковиќ, Мице Јанкуловски, Венко Цветков, Глигор Стефанов, Елизабета Аврамовска-Бети, Петре Николоски, Милчо Манчевски, Станко Павлески, Исмет Рамиќевиќ, Роберт Глигоров, Златко Трајковски, Вана Урошевиќ, Јован Шумковски, Жанета Вангели, Антони Мазневски, Игор Тошевски, Искра Димитрова, Симонида Филипова-Китановска, Мирна Арсовска, Виолета Чаповска, Роберт Јанкулоски, Ирена Паскали, Љупка Делева, Елпида Хаџи-Василева, Нада Прља, Оливер Мусовиќ, Моника Мотеска, Ана Стојковиќ, Игор Сековски, Славица Јанешлиева, Весна Стефановска и Христина Иваноска.