САМО КАЈ НАС ЖЕНИТЕ БРКААТ ВРСКИ ЗА ДА ЗАКАЖАТ МАМОГРАФИЈА, РЕЧЕ СРПСКАТА КОМИЧАРКА САНДРА СИЛАЃЕВ НА МОНОДРАМАТА ВО СКОПЈЕ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Српската комичарка Сандра Силаѓев во понеделникот првпат во Филхармонијата во Скопје ја изигра монодрамата „Дејт“. Главно женската публика, која ја следи на социјалните мрежи и ги споделува нејзините видеа, се развесели на претставата во која Силаѓев испрати важни пораки за жените.

Низ комична приказна, комичарката во улога на Оливера Живковиќ разговара со своите пријателки по телефон и на интересен начин им раскажува низ какви проблеми поминуваат жените во Србија и во регионот. Монодрамата се случува додека Оливера ги чека резултатите од мамографијата. Мамографскиот преглед во Белград едвај успеала да го закаже, преку докторка која ѝ е познаничка.

Сандра Силаѓев ја наполни салата на Филхармонијата, главно со женска публика. (Фото: Ј. Патче)

„Во развиените земји, жените се заштитени. Кај нас се плашат да пријават семејно насилство. Во развиените земји, жените не треба да бркаат врски за да добијат термин за мамомграф. Во развиените земји, на породилно отсуство оди и мажот“, се дел од пораките кои актерката ги кажува за време на комичната претстава.

Седејќи во кафуле и чекајќи го мажот кого го запознала онлајн, во разговор со пријателка таа раскажува за проблемите со кои се соочува како самохрана мајка на тинејџери. Се потсетува и на сите обврски кои од неа ги очекувал поранешниот сопруг и ја советува ќерката како да се однесува со мажите.

Силаѓев неколкупати во текот на шоуто повторува дека не е тешко да се оди на редовни гинеколошки прегледи, мамомграф и на ехо на дојка и дека не е тешко да ѝ се помогне на сосетката ако забележиме дека сопругот ја тепал.

Претставата, која ќе игра и вечерва (10 октомври) во Филхармонијата, е забавна и комична, но пораките на Оливера Живковиќ за сите жени се нејзиниот главен мотив.

Силаѓев е родена во 1979 во Штип и има дипломирано на Академијата на уметностите во Белград, прво во класата на Предраг Ејдус, а потоа во класата на Владимир Јефтовиќ.

М. ЏАРОВСКА