СОФИСКИОТ ТЕАТАР „ИВАН ВАЗОВ“ ГО ЗАТВОРА ФЕСТИВАЛОТ СКУПИ СО „ОРФЕЈ“

Скопје, (СМАРТ.СДК.МК)

Меѓународниот театарски фестивал Скупи завршува вечерва со претставата „Орфеј“, во режија на Јернеи Лоренци, продукција на Народниот театар „Иван Вазов“ од Софија. Претставата ќе се игра од 20 часот во Албанскиот театар во Скопје.

Во основата на идејата за претставата лежи античкиот мит за Орфеј и Евридика.

„Тој е одново замислен и создаден преку модерните рефлекси и сетила на човештвото, кои се соочуваат со бројни егзистенцијални проблеми: војната како постојана состојба на човештвото, заборавот и (себе)измамите, на кои доброволно паѓаме во обид да избегаме од вистината, осаменоста на креативните луѓе и силата на љубовта во нејзините метафизички и мистични облици“, стои во најавата за претставата.

Фестивалот има натпреварувачки карактер и ја доделува наградата за најдобра претстава. Годинава, за оваа награда ќе одлучи тричленото жири Теја Шугарева – режисерка од Бугарија, Снежана Конеска-Руси – актерка и Вјољца Бектеши-Хамити – актерка.

(Фото: „Иван Вазов“)