ДВАЕСЕТ ГОДИНИ СЕ КАНИМЕ ДА СОРАБОТУВАМЕ, РЕКОА ВЛАДО ЈАНЕВСКИ И РОБЕРТ САЗДОВ ПРЕД МАКФЕСТ, КОЈ ПОВТОРНО ГИ СПОИ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Песните на Макфест оваа година ќе бидат подобри од претходното издание на Евровизија, рече музичарот Роберт Саздов, уметничкиот директор на штипскиот фестивал на прес-конференцијата која се одржа во Скопје.

Макфест по 38. пат ќе се одржи во Домот на културата „Ацо Шопов“ во Штип на 20 и 21 октомври. Првата вечер настапуваат помлади пејачи, а поискусните, меѓу кои Владо Јаневски како специјален гостин, Андријана Јаневска, групата „Љубојна“ и Бојана Скендеровски, се во втората вечер.

„Имавме лесна задача годинава. Заедно со Јован Јованов како дел од уметничкоот совет и другите членови избравме песни за кои сум сигурен дека ќе бидат хитови“, рече Саздов.

Тој и Владо Јаневски соработуваат првпат по 21 година. Последен пат работеле заедно во 2001 како автори на песна што Лидија Кочовска ја испеа во времето на војната во Македонија.

„Дваесет и кусур години зборуваме дека повторно треба да работиме заедно со Владо, но ете, чекавме да дојде време за тоа“, кажа Саздов, кој како уметнички директор го поканил Владо да биде гостин на фестивалот.

„Со Роберт евоциравме спомени од Макфест во 1991 година, кога како ‘Ластовица’ ја пеевме ‘Зелена песна’. Таа атмосфера на Макфест беше причината поради која сите ние почнавме да се занимаваме со музика. Деца кои стојат пред хотелот ‘Астибо’ во Штип со слики и бараат автограми, тоа треба да врати. Не треба да патиме од никаков еготрип дека сме се појавиле на фестивал за да нѐ види мама на телевизија“, се присети Владо Јаневски.

Тој на фестивалот ќе ја промовира новата песна „Златни години“. Јаневски рече дека сега живее во Гевгелија, па не ни е пред очи и оти воопшто не било тешко да го вратат на Макфест по 30 години.

Ламбе Алабаковски, Роберт Саздов, штипскиот градоначалник Иван Јорданов, Владо јаневски и организатор и координатор на Макфест, Александар Арсовски (Фото: Ѓ. Личовски)

„Речиси никој не знае дека во 1986 година јас се појавив во позадина на фестивалот, пеејќи придружни вокали на ‘Бон тон’. Тогаш бев дете без банка во џеб, никој не знаеше дека постојам. Мене никој не ме виде, но јас го видов Макфест. Потоа, пеев на иста сцена со Киќо Слабинац, кој беше југословенскиот Елвис Присли и со Мики Јевремовиќ, југословенскиот Френк Синатра“, кажа Јаневски.

Инаку, фронтмен на групата „Бон тон“ во тоа време беше Дарио, а новинарот Антонио Димитриевски, кој го водеше пресот, го потсети Владо дека песната на која се појавил била хитот „Старо купувам“.

На пресот дојде и музичарот Јован Јованов од Канада, кој кажа дека му е важно што фестивалот ги следи новите трендови и сакаат да го доближат до младата публика.

МЈован Јованов дојде од Канада и кажа дека целта на Макфест годинава е да се доближи до помладата публика (Фото: Ѓ. Личовски)

„Годинава, повторно ќе нѐ има на сите музички платформи и драго ми е што минатата година на ТокТок имавме 20.000 споделувања. На сите млади им го посакувам успехот кој лани го имаа Пајак и Лара со песната ‘Бела’“, кажа Јованов.

Ламбе Алабаковски кажа дека Макфест е столбот на македонската забавна музика и оти му е мило што по вторпат ќе пее откако се врати од Америка. Штипскиот градоначалник Иван Јорданов изјави дека Макфест ќе остане гордоста на Штип. Александар Арсовски, кој е организатор и координатор на Макфест од Општина Штип, изјави дека подготовките за фестивалот започнале уште минатата година по завршувањето на претходниот.

Ламбе Алабаковски со уметничкиот директор на Макфест, Роберт Саздов. (Фото: Ѓ. Личовски)

На пресот се пуштија рефрените од новите фестивалски песни. Според трендовскиот звук кој го имаат, мотото на фестивалот, „Музичка симфонија за цела Македонија“ не се совпаѓа со стилот на песните. Од лани се укинаа класичните прва, втора и трета награда и годинава ќе се додели само наградата за најслушана песна меѓу двата фестивала. МРТВ ќе врши директен пренос од двете фестивалски вечери.

М. ЏАРОВСКА / Фото: Ѓ. ЛИЧОВСКИ