Композицијата „Бела“ на младото дуо Лара Иванова од Скопје и Христијан Настески-Пајак од Охрид ја доби наградата за најслушана песна меѓу две изданија на фестивалот Макфест во Штип. Тие ја добиваат и единствената парична награда на фестивалот од 120.000 денари.
„Пресреќни сме што создадовме хит кој само на Јутјуб е преслушан над 25 милиони пати, најмногу на Балканот и во Македонија“, рекоа пејачите.
На првата прес-конференција, уметничкиот директор на Макфест, Роберт Саздов, рече дека и годинава ќе има мошне добра музика од сите жанрови, во изведба на млади музичари и дебитанти, како и на искусни пејачи.
На годинашниот Макфест ќе бидат изведени 26 композиции. Денеска на првата фестивалска вечер од 20 часот на програмата се 13 композиции, од кои пет со гласање на публиката и стручното жири ќе се пласираат за утрешната главна вечер, на која ќе има 18 изведби.
Т. ЈОВАНОВСКИ
(Фото: Христијан Настески-Пајак и Лара Иванова со продуцентот на Макфест, Александар Арсовски)