НАД 10.000 РАБОТНИЦИ ЈА ГРАДЕЛЕ ОПЕРАТА ВО СИДНЕЈ 14 ГОДИНИ, ЈА ОТВОРИЛА КРАЛИЦАТА ЕЛИЗАБЕТА

Сиднеј, (Би-Би-Си)

Една од најпознатите светски градби на 20 век, Операта во Сиднеј важи за симбол на модерна Австралија.

Нејзините драматични бели едра отворија нова почва за архитектурата и инженерството на глобално ниво.

И самата конструкција беше најавена од историчарите како визионерска вежба во градењето нација која сака да се дефинира себеси.

Операта беше домаќин на Боб Дилан, Ела Фицџералд и Нелсон Мандела. Изградена е по меѓународен натпревар во 1956 година што го водела владата на Нов Јужен Велс. Од 233 пријавени, неочекуван победник беше главно непознатиот млад дански архитект Јорн Утзон.

Почетниот буџет за структурата беше 7 милиони австралиски долари или 4.4 милиони американски долари, но крајниот трошок беше поблиску до 102 милиони австралиски долари. (Фото: Гети)

Над 10.000 работници почнаа да ја градат Операта во 1959 година. Зградата требаше да биде завршена за четири години, наместо е завршена за 14. Почетниот буџет за структурата беше 7 милиони австралиски долари (3.6 милиони фунти или 4.4 милиони американски долари), но крајниот трошок беше поблиску до 102 милиони австралиски долари.

Операта во Сиднеј беше официјално отворена од кралицата Елизабета Втора на 20 октомври во 1973 година, со огномет и изведбата на Симфонијата бр.9 од Бетовен.

Во јули 1973 година, „Далгери“ беше првата опера што беше поставена на сцената, напишана од австралискиот композитор Џејмс Пенберти. Во 1977 година, шведската поп-група „Аба“ ги посети големите бели едра, поздравена од море од австралиски обожаватели.

Групата „Аба“ позира пред Операта во Сиднеј во 1977 година. (Фото: Национален архив на Австралија)

Откако се ослободи од 27 години затвор за неговата борба против режимот на апартхејдот во Јужна Африка, Нелсон Мандела беше пречекан од 40.000 Австралијци на скалите на Операта за време на неговата турнеја низ земјата во 1990 година.
Во поново време, Операта е центар на „Вивид Сиднеј“, годишен фестивал на светлина, музички идеи и уметнички израз. Вклучува извонредни светлосни инсталации на отворено и изведби од локални и меѓународни музичари.