МУЗИЧКИ И СЦЕНСКИ МОДЕРЕН „МАКФЕСТ“, НО БЕЗ НАГРАДИ И СО НОСТАЛГИЈА ПО СТАРИТЕ ХИТОВИ

Штип, (СМАРТ СДК.МК)

Фестивалот „Макфест“ кој годинава се одржа по 38. пат во Домот на културата „Ацо Шопов“ во Штип, понуди главно модерни песни на првата вечер во петокот, и на втората во саботата.

Целта на овогодишното издание, како што претходно кажаа музичарот Јован Јованов, кој е дел од уметничкиот тим на фестивалот и уметничкиот директор Роберт Саздов е да се следат трендовите, и фестивалот да се доближи до помладата публика.

Александар Тарабунов имаше впечаталив сценски настап (Фото: Инстаграм)

Сценски и визуелно, „Макфест“ изгледаше одлично. Впечатлив беше настапот на поп-пејачот Александар Тарабунов кој симулираше летање на сцената. Интересен беше настапот и на Владо Јаневски, во кабаре стил, со песната „Златни години“, а песните кои добија поголем аплауз се на Андријана Јаневска, „Љубојна“, Ламбе Алабаковски, Бојана Скендеровски.

Останатите песни на помладите пејачи беа главно трендовски и различно оценети од гостите на фестивалот. Дел од новинарите коментираа дека ова не е вистинскиот „Макфест“, споредувајќи ги песните денес со старите хитови.

Владо Јаневски ја промовираше песната „Златни години“. (Фото: СМАРТ.СДК.МК)

Помладата публика, очекувано ги бендиса новите песни. Интересно е што Штип, кој цела година живее за „Макфест“ ,живее и со старите песни на фестивалот. Секаде наоколу, во клубовите и во рестораните близу Домот на културата се слушаат и се пеат евергрините од „Макфест“. За поновите песни од претходните неколку години како да нема место кај штипјаните.

Марјана Станојковска го водеше фестивалот со Димитар Атанасовски. (Фото: СМАРТ.СДК.МК)

Фестивалот втора година по ред, помина без награди, а со тоа и без тензија и обвинувања за евентуални местења како претходно. Наградата за најслушана песна меѓу двата фестивала ја добија Пајак и Лара за песната „Бела“. Фестивалот го водеа Марјана Станојковска и Димитар Атанасовски.

 

М. ЏАРОВСКА