ПРОСТИ ФИЛХАРМОНИЈО, ЗА СÈ ЛОШО ШТО ЌЕ СЛУШНЕШ ВЕЧЕРВА, РЕЧЕ ИГОР ЏАМБАЗОВ НА СЛАВЕНИЧКИОТ КОНЦЕРТ СО ИГОР АТАНАСОВСКИ- ХАРЕ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Со концертот во Филхармонија во Скопје во саботата, Игор Џамбазов и неговиот музички гуру, Игор Атанасовски- Харе прославија 30 години од нивната соработка и блуз живот, како што рече Џамбазов.

Актерот на концерот го славеше и неговиот 60.роденден, а го посвети на татко му, маестро Александар Џамбазов кој почина лани. Најемотивен дел од концертот беше кога за маестро Џамбаз, бендот ја отсвире песната „Ако умрам ил загинам“.

„Минатата година останав сирак, годинава останав ерген, се надевам дека следната година ќе останам нормален“, се пошегува актерот. Во негов стил, искоментира и за неговата претходна врска.

„Ми дадоа отказ од планинаркото друштво“, кажа Џамбазов, кој ги испеа најголемите хитови, „Да си жив и здрав“, “Труба“, „Диши длабоко“, како и новата песна „Пеј“. Игор Атанасовски- Харе кажа дека овој концерт е насловен „Првите 30“, а за вторите 30 ќе видиме.

Џамбазов и Харе, песната „Ако умрам ил загинам“ му ја посветија на маестро Александар Џамбазов. (Фото:К. Попов)

„30 години со ова чудо од човек. Ако го сменат законот, ќе си се земеме. На Роберт и на Панки во прво одделение им тргна детето. Драги мои, во сета оваа калакурница на нашата сцена, заедно со ‘Макфест’, заедно со Скопски Џез фестивал, заедно со сите други големи ѕвезди кои ќе настапуваат во оваа Филхармонија, се најде простор и за нас. Однапред Филхармонијо, прости за сѐ лошо што ќе слушнеш вечерва“, кажа Џамбазов.

Се пошегува и оти Мик Џегер и „Ролинг стоунс“ ги следат девојки, а него и гитаристот Харе само Весна Петрушевска и нејзината продуцентка Вики Дамевска, кои им се добри пријателки.

„Време за плачење“, еден од најголемите хитови на Џамбазов од „Макфест“, го испеа на бис. За вториот бис, тој остави една скопска песна, „Скопје, Сарај, Матка и обратно“.

„Ние не можеме да продадеме 3, 5 или 7 Филхармонии, не сме толкави ѕвезди очигледно, но вие сте одбарните“, кажа Џамбазов и го замоли бендот да станат и да се поклонат пред публиката.

 

М. ЏАРОВСКА