ЧЕТИРИ НОВИ ФИЛМА ЌЕ СЕ ПРИКАЖАТ НА РЕВИЈАТА НА СОВРЕМЕН ИТАЛИЈАНСКИ ФИЛМ ВО СКОПЈЕ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Од денеска (6 ноември) до 9 ноември, во киното Синеплекс во Скопје ќе се одржува ревија на современ италијански филм. Настанот, кој во нашава земја се случува за првпат, е организиран од славното филмско студио „Чинечита“, Италијанскиот институт за култура во Белград, Амбасадата на Италија во Скопје и Синеплекс.

Ќе се прикажат четири филма од најновата италијанска продукција кои беа прикажани на последното издание на Филмскиот фестивал во Венеција: „Убаво лето“ во режија на Лаура Лукети, „Како овци меѓу волците“ на Лида Патитучи, „Мими – принцот на ноќта“ во режија на Брандо де Сика и „Адаџо“ на Стефано Солима.

Филмовите се титлувани на македонски јазик, а проекциите започнуваат во 20 часот. Сите приходи од продажбата на билетите со симболична цена од 120 денари, како и од донациите на посетителите ќе бидат наменети за Здружението за поддршка на лица со посебни потреби „Дајте ни крилја“ од Скопје.

Филмската ревија е дел од програмата организирана од Амбасадата на Италија по повод 30-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи помеѓу Италија и Македонија.

(Фото: сцена од филмот „Адаџо“/Филмски фестивал во Венеција)