ПРОМОЦИЈА НА МОНОГРАФИЈАТА „ТАЖАЧКИ ПЕСНИ ОД СКОПСКИОТ ЗЕМЈОТРЕС ВО 1963“ НА 5 ДЕКЕМВРИ ВО СКОПЈЕ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)
На 5 декември од 19 часот, во кино Фросина во Младински култрен центар (МКЦ) во Скопје ќе се одржи промоција на монографијата „Тажачки песни од скопскиот земјотрес во 1963“ од авторите Ана Мартиноска и Жарко Иванов. Монографијата е направена од архивските материјали на Васил Хаџиманов (1906-1969), еден од пионерите на македонската етномузикологија и фолклористика.
Промоторка ќе биде професорката Илина Јакимовска, а музички настап ќе имаат Васил Хаџиманов, кој е внук на етномузикологот, Вера Милошевска-Јосифовска, Оливер Јосифовски, Ратко Даутовски и Виктор Филиповски.
Во книгата се собрани тажачките песни од времето на скопскиот земјотрес, при што била направена транскрипција на ракописните материјали и на дел од аудиоматеријалите снимени од Хаџиманов во 1963. Станува збор за записи снимани во специфични околности на колективна траума непосредно по земјотресот, на закопите и помените на жртвите. Овие архивски материјали биле необјавени и недостапни за пошироката јавност цели 60 години.
„Книгата на Ана и Жарко не е само фолклористички научен труд, туку и спомен за жртвите, преживеаните, болката, поезијата, народот, градот во рушевини, природната катастрофа, за човековата солидарност“, вели поетот Александар Прокопиев.