ГИ УЧИМЕ УЧЕНИЦИТЕ КАКО ДА СЕ КОРИСТИ МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК ВО МЕДИУМИТЕ, ВЕЛАТ ОД МЛАДИНСКОТО РАДИО ВО БИТОЛСКАТА ГИМНАЗИЈА

Битола, (СМАРТ СДК.МК)

Младинското радио при гимназијата „Јосип Броз Тито“ во Битола одбележа една година успешна работа, при што беа доделени сертификати на учесниците. Со креирани над 25 поткасти во изминатите месеци, Младинското радио ја заврши првата сезона и започна со втората, во која се планира да гостуваат низа истакнати гости.

Гимназијата со ова им пркоси на лошите трендови во медиумскиот простор во земјава. Додека замолкнуваат сѐ повеќе радиостаници, средношколците се зафатија со прометејска задача да создадат свое радио.

Група ентузијасти и вљубеници во македонскиот јазик, меѓу кои се професорот Никола Трајковски и педесетина ученици, одамна ги надминаа рамките на вообичаена новинарска секција и посегнаа по медиумски проекти кои веројатно се единствени од ваков тип во државата. Учениците беа обучени од професионалци од медиумската сфера.

Професорот Никола Трајковски со дел од учениците. (Фото: СМАРТ СДК.МК)

Проектот „Младинско радио! Во етер!“ започна во октомври 2022. Предвидуваше создавање на првото средношколско радио во земјата и пошироко. Денес, Младинското радио, сместено во просториите на гимназијата „Јосип Броз Тито“, е медиум кој доставува релевантни информации за сите средношколци преку поткасти, кои се објавуваат секоја среда. Во неколкуте рубрики на поткастите вклучени се теми поврзани со славни личности од Македонија, тековни случувања и настани во Битола и пошироко и со успешни ученици на гимназијата.

Гимназијалците го подготвуваат и весникот „Нова Веда“, кој е продолжение на весникот „Веда“, што во 1994 се издавал во училиштето.

„Се забораваат радиото и весниците како медиуми кои некогаш беа многу актуелни. Со нашите активности сакаме да ги научиме учениците и во радиото и во весникот како треба да се користи јазикот во медиумите, зашто сме сведоци дека она што се случува сега, особено на интернет порталите, е далеку од користење на литературниот македонски јазик. Да покажеме дека литературниот јазик не се користи само на часовите, туку е изразна форма и во медиумите. Добиваат и медиумска писменост. Тоа беше и целта на проектот: да бидат медиумски писмени, да знаат да препознаат што се лажни вести, да знаат ако утре се занимаваат со таа професија да не продуцираат такви вести“, вели професорот Трајковски.

Ж. ЗДРАВКОВСКА