ЛИЈАМ ГАЛАГЕР ОД „ОЕЈЗИС“ И ЏОН СКВАЈР ОД „СТОУН РОУЗИС“ ОБЈАВИЈА ДЕКА СНИМИЛЕ АЛБУМ КАКО ДУО

Лондон, (Гардијан)

Некогашниот фронтмен на „Оејзис“, Лијам Галагер и бившиот гитарист на „Стоун роузис“, Џон Сквајр, објавија дека снимиле албум како дуо, потврдувајќи го она што беше навестено пред два месеца. Двајцата од најуспешните музичари кои потекнуваат од Манчестер и порано имаат соработувано, но ова е првпат да снимат нешто заедно.

Насловот на албумот и датумот на неговото излегување засега не се објавени, но најавено е дека станува збор за целосен албум и дека Галагер и Сквајр ќе прават и концерти.

Весникот „Гардијан“ доби можност за предвремено преслушување на албумот, па го опиша како мешавина на блуз, гаражен и психоделичен рок, со призвуци на „Битлс“ и бритпоп.

Првиот сингл од албумот „Just Another Rainbow“ ќе биде објавен на 5 јануари.

(Фото: Редфернс)