ВО АМАЗОНИЈА ОТКРИЕН ОГРОМЕН ДРЕВЕН ГРАД КОЈ БИЛ ДОМ НА ДЕСЕТИЦИ ИЛЈАДИ ЛУЃЕ

Париз, (Би-Би-Си)

Огромен древен град е откриен во Амазонија, каде што илјадници години бил скриен од бујната вегетација. Научниците велат дека ова откритие го менува она што сме го знаеле за историјата на луѓето кои живееле во Амазонија.

Куќите и плоштадите во областа Упано во источен Еквадор биле поврзани со неверојатна мрежа на патишта и канали. Областа се наоѓа во подножјето на вулкан, што создал богати почви, но исто така можеби довел до уништувањето на општеството.

Иако древните градови на висорамнините во Јужна Америка се доста познати, досега се веруваше дека луѓето во Амазонија живееле само номадски или во мали заедници.

„Ова е постаро од сите досега познати локалитети во Амазонија. Ние имаме евроцентричен поглед на цивилизацијата, но ова покажува дека мора да ја промениме нашата идеја за тоа што се култура и цивилизација. Ова го менува начинот на кој ги гледаме амазонските култури и покажува дека древен народ живеел во сложено урбано општество“, вели Стефан Ростен, директор во Националниот центар за научни истражувања во Париз, кој го водеше истражувањето.

Градот бил изграден пред околу 2.500 години и луѓето живееле таму најмалку 1.000 години, сметаат археолозите. Тешко е да се процени колкаво било населението, но се верува дека биле десетици илјади. Речиси ништо не се знае за нив.

Површина од 300 квадратни километри била истражувана со теренски ископувања и со ласерски сензори од авион. Со технологијата ЛИДАР биле пронајдени 6.000 правоаголни платформи високи два-три метри. Тие се наредени во групи од три до шест единици околу плоштад со централна платформа и се верува дека повеќето биле куќи.

Првите докази за постоењето на градот се пронајдени во 1970-тите, но ова е првпат да се комплетираат сеопфатни истражувања. Тие открија големо, сложено општество, кое се чини поголемо од познатите мајански општества во Мексико и Средна Америка.

(Фото: АП)