Саудиска Арабија кажа дека ќе ја отвори првата продавница за алкохол по пауза од повеќе од 70 години. Муштерии во продавницата во Ријад ќе бидат само членовите на дипломатскиот персонал кои со години увезуваат алкохол во запечатени официјални пакувања.
Саудиските власти велат дека на овој начин сакаат да ја спречат недозволената трговија на алкохол.
Прохибицијата во земјата беше воведена во 1952 година откако еден од синовите на кралот Абдулазиз во пијана состојба застрелал и убил британски дипломат кога тој одбил да му стави уште една пијачка.
За да се пазарува во продавницата ќе бидат потребни претходна регистрација и одобрување од владата и ќе има месечни ограничувања на количината. Засега нема најави дека ќе можат да купуваат и обични странци кои немаат дипломатски привилегии.
Според сегашниот саудиски закон, казните за консумирање или поседување алкохол можат да бидат парични или затворски, но и во вид на јавно камшикување и депортација за странци.