ВЛАТКО СТЕФАНОВСКИ ГОСТИН НА КОНЦЕРТОТ НА ЏИБОНИ ВО СКОПЈЕ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Влатко Стефановски ќе биде гостин на концертот на хрватскиот кантавтор Златан Стипшиќ-Џибони в сабота (17 февруари) во салата „Јане Сандански“, објави „Авалон продукција“.

Легендарниот македонски гитарист и хрватскиот музичар се соработници и пријатели долги години, често настапуваат заедно низ регионот, а имаат и заеднички студиски снимки.

Џибони ја започна музичката кариера со хеви метал бендот „Осми путник“, со кој има снимено три албуми, а соработувал и со Оливер Драгојевиќ и Дино Дворник. Како соло пејач има издадено 19 албуми, од кои дел се концертни снимки и колекција со најголемите хитови.