Технолошката компанија „ОпенАИ“, која стои зад популарниот четбот „ЧетГПТ“, претстави нова алатка која може да создава видеа врз основа на даден текст. Наречена „Сора“, според јапонскиот збор за небо, таа може да прави реалистични снимки долги до една минута кои се придржуваат до упатствата на корисникот за стилот и темата.
Според компанијата, „Сора“ исто така може да креира видеа врз основа на неподвижна слика или да прошири постоечка снимка со нов материјал.
„Ја учиме вештачката интелигенција да го разбере и симулира физичкиот свет во движење, со цел да обучиме модели кои ќе им помагаат на луѓето да ги решат проблемите кои бараат интеракција во реалниот свет“, кажаа од „ОпенАИ“.
Видеата ќе содржат жиг за да се покаже дека се направени со вештачка интелигенција.
Компанијата го претстави генераторот за неподвижни слики „Дал-Е“ во 2021, а една година подоцна и четботот заснован врз вештачка интелигенција „ЧетГПТ“, кој денес има над 100 милиони корисници.