ВТОР КОНЦЕРТ НА ПЕТАР ГРАШО СО СИМФОНИСКИ ОРКЕСТАР ВО АПРИЛ ВО СКОПЈЕ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Хрватскиот кантавтор Петар Грашо ќе одржи и втор концерт во Скопје, во Филхармонијата на 27 април, откако се распродаде првиот на 26 април, објави продукцијата „Прагма“. Грашо ќе ги изведе своите најголеми хитови и хитови на Оливер Драгојевиќ заедно со симфониски оркестар.

Тој на 16 години ја напишал песната „Божица“, со која Драгојевиќ настапи на фестивалот Дора во 1995 година. Потоа ја започна соло кариерата.

„Моите родители извесно време се дружеа со семејството на Драгојевиќ. Еднаш татко ми му пушти снимка со зборовите: ‘Те молам, слушај што плетка ова момче во студио, немам поим дали е добро или не’. По неколку дена, Оливер се јави и рече дека сака да испее моја авторска песна. Бев пресреќен бидејќи уште бев дете. Тоа ме мотивираше да продолжам со музиката“, изјави своевремено Грашо.