Каролина Гочева ќе одржи и втор концерт во скопскиот клуб „Пјур“ на 2 март, откако влезниците за првиот, на 1 март, се распродадоа, објави „Авалон продукција“.
Првиот датум на концертот е симболично избран поради нејзината песна „1 март“, која е дел од албумот „Во заборав“, кој излезе во 2005. Ова е четвртиот албум на поп-пејачката и се смета за еден од нејзините најуспешни. Влатко Стефановски, Калиопи, Џибони, Златко Ориѓански, Дарко Димитров, Весна Малинова, Младен Марковиќ, Бајага и Дино Мерлин се дел од авторите на песните.
Во јули 2022, Гочева одржа концерт со своите најголеми хитови на стадионот на АРМ во Скопје и за тој концерт рече дека ѝ бил најдрагиот во кариерата.