Не требаше многу за да се прекине преносот во живо од автомобилот што Илон Маск го лансираше во вселената во вторникот со својата ракета „фалкон хеви“. Во четвртокот, Маск на Инстаграм ја објави прошталната фотографија на црвениот „тесла роудстер“, но тоа, сепак, не беше последен пат тој да биде виден.
Астрономите од проектот „Виртуелен телескоп“ од Аризона успеале да го снимат возилото како се движи низ вселената два дена по неговото лансирање. Тие потоа направија ГИФ од движењето на автомобилот низ ѕвездите, комбинирајќи 54 снимени фотографии, при што тој изгледа како комета или астероид.
„Го забележавме ‘тесла роудстер‘ како светла точка на небото. Во моментот кога го набљудувавме, тој беше оддалечен 470.000 километри од нас“, вели астрономот Џанлука Маси.
Астрономите сѐ уште не се сигурни каде се движи „тесла“. Се претпоставува дека би можел да оди и подалеку од Марс, но длабоко во вселената, несомнено, ќе остане милиони и милиони години.