ПОВЕЌЕ ЧЕСТИТКИ ДОБИВАМ НА ПРВИ МАРТ ОТКОЛКУ НА МОЈОТ РОДЕНДЕН, РЕЧЕ КАРОЛИНА ГОЧЕВА НА КОНЦЕРТОТ ВО СКОПЈЕ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Каролина Гочева одржа два полни концерта во петокот и во саботата во скопскиот клуб „Пјур“.

Поводот беше 1 март, како еден од нејзините хитови кој се вика „Први март“, а поп-ѕвездата на шега вели дека овој ден го чувствува како свој празник.

„Последниве години, повеќе пораки добивам на први март отколку на мојот роденден“, рече Каролина на почетокот.

Весела, расположена и разиграна, поп-ѕвездата ги избра најубавите песни (Фото: Инстаграм)

Нејзините концерти се еднакво успешни и посетени и во поголеми сали и во клубови, и во помали сали и во поинтимна атмосфера, како Филхармонијата и Операта, каде што на крајот од 2022 и во почетокот на 2023 одржа седум концерти со Дуке Бојаџиев и Исмаил Лумановски. Каролина ги има наполнето и „Борис Трајковски“ и некогашниот Скопски саем, и Универзалната сала и стадионот на АРМ, а сега има концерти во поголеми клубови. По Скопје, ќе пее во Гевгелија со репертоар од најголемите хитови. Тоа е специфичноста и една од причините за успехот на Каролина: не се појавува по секоја цена, а кога закажува концерти, брзо се распродаваат.

Фото: Приватна архива

Весела, расположена и разиграна, поп-ѕвездата ги избра најубавите песни, од „Ќе биде сѐ во ред“, до „Ајде да летаме“, „Само за тебе“, дуетот со Врчак од 1990-тите, но и „Твоите бакнежи на моите бели кошули“ од Тоше Проески, која станува редовен дел од нејзината програма.

Каролина настапи со комплетен бенд и со придружните вокали Ана Костадиновска и Сара Пројковска. Еден од најубавите делови од концертот беше кога остана сама на сцената со Никола Мицевски, клавијатуристот и еден од нашите најуспешни композитори и продуценти, пеејќи ги баладите.

М. ЏАРОВСКА