ЛОЗАНО СНИМИ ПЕСНА СО „ФРАЈЛЕ“, СЕРГЕЈ ЌЕТКОВИЌ И САЊА ДОЛЕЖАЛ НАМЕНЕТА ЗА РЕГИОНАЛНИОТ МУЗИЧКИ ПАЗАР

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Поп-пејачот Влатко Лозаноски-Лозано гостува во песна на српската поп-група „Фрајле“, заедно со хрватската пејачка Сања Долежал од групата „Нови Фосили“ и црногорскиот кантавтор Сергеј Ќетковиќ. Во песната „Пријател“ пеат и младите пејачи Ади Шоше од Босна и Херцеговина и Лука Баси од Словенија.

Од женското трио „Фрајле“ од Нови Сад, кое ќе одржи концерти во Скопје на 15 и 16 март во Филхармонијата, велат дека песната е бајка за секое пријателство, а ја пеат пејачи од сите поранешни југословенски републики. Музиката е на Невена Буча, а текстот го напишаа Стево Цвикиќ и Јелена Буча.

„Да се работи со уметници како Сергеј, Ади, Лозано, Лука е универзален јазик на музиката кој како Фрајле го негуваме последните 15 години. Овој јубилеј сакаме да го споделиме со нашата верна публика, но и да одиме чекор понатаму, со нашите драги колеги. Траењето значи квалитет.  Најголем комплимент кој музичарот може да го добие е љубовта од публиката“, велат од групата „Фрајле“.

Лозано неодамна ја промовираше песната „Максенбал“, чиј спот е снимен во Венеција.

„Видеото се снимаше неколку дена во Венеција, како најсоодветна локација за оваа песна. Магдалена Цветкоска совршено го состави текстот на музиката на Лазар Цветкоски и се употребени повеќе метафори и игри на зборови. Маската е само еден дел од нашата душа. Кој помалку, кој повеќе ја крие од светот. Мистичната Венеција, со надвисната магла над неа, ја понуди таа енигма, која и тоа како ни требаше за ова видео, а мојот стилист Папаз ја долови со неговата одлична креација, креирана за потребите на овој спот“, ни рече Лозано по снимањето на „Маскенбал“.

Освен во Скопје, „Фрајле“ на 13 март ќе одржат концерт во Битола, а на 17 во Струмица.

М. ЏАРОВСКА