ИРАНСКИОТ ДОКУМЕНТАРЕЦ „МОЈАТА УКРАДЕНА ПЛАНЕТА“ НА ФАРАНАЗ ШАРИФИ ПОБЕДИ НА СОЛУНСКИОТ ФЕСТИВАЛ

Скопје, (СМАРТСДК.МК)
No 1273058

„Мојата украдена планета“ на иранската документаристка Фараназ Шарифи ја освои наградата Златен Александар во главната натпреварувачка селекција на 26. Филмски фестивал за документарци во Солун. Филмот, есеј за минато време создаден од аматерски снимки од времето на Иранската револуција, доби и парична награда од 12.000 евра, а победата му носи директна квалификација за трката за Оскарите во 2025.

„Добро изработен и трогателен есеј во прво лице кој брилијантно потврдува дека секоја политичка реалност има подреалност и дека отпорот доаѓа во многу форми, меѓу нив не помалку вреден и оној во приватноста“, вели жирито за победникиот филм на Шарифи.

Сребрениот Александар и 5.000 евра го освои „Шума“ на полската режисерка Лидија Дуда, за младо семејство со три мали деца кое живее во шума на границата со Белорусија, главна преодна точка на рутата на бранот бегалци кои сакаат да влезат во Полска, и неговиот длабоко хуман, но очајнички обид да им помогне на тие луѓе пред полската полиција да ги врати назад во Белорусија.

„Аналитички портрет на семејство кое живее вон современатта општествена мрежа, но соочено со глобални сили кои носат неправда и страдање пред нивниот праг. Наместо да се свртат настрана, филмот покажува како протагонистите фактички се издигнуваат над ситуацијата, а со тоа ја потврдуваат моќта на едноставната хуманост“, образложи жирито за наградата.
Специјална награда доби „Заскитани тела“ на грчката режисерка Елина Псику, за небулозните разлики во законодавството во земјите-членки на ЕУ поради кои сериозно се кршат правата на жените, меѓу кои и репродуктивните права. Филмот предизвика контроверзни реакции од екстремната и религиозна десница поради плакатот на кој е прикажана бремена жена распната на крст, порди што дури и патријархот на Грчката црква бараше филмот да биде забранет. Се разбира, директорите на фестивалот тоа го одбија, па премиерата ја чуваше полиција поради страв од немири.

„Неконвенционално истражување на тешки морални, етички, филозофски и политички прашања околу правото да се контролира сопственото тело – и во животот и во смртта – со лежерност и целисходност“, рече жирито за овој филм.
Во селекцијата Новајлии, наградата „Златен Александар-Димитри Еипидес“ и 10.000 евра ја доби „Стакло, мојот неостварен живот“, од Рожие Каперс, за кој жирито вели: „Едноставна приказна која одекнува на човечко ниво, истражувајќи универзални теми како што се храброста и издржливоста потребни за да се оствари својот сон и да се направи филм за него со истата немилосрдна посветеност. Со својот спој на хумор, самоиронија и малку драма, ја истражува темата на автофикцијата со искреност и ранливост. Со оваа награда би сакале да го поттикнеме режисерот да најде уште еден голем и луд сон за да може да направи уште еден добар филм, можеби…“.
Сребрениот Александар и 4.000 евра го доби „Борејќи се против демоните со змејови“, вториот филм на данската режисерка Камила Маџид, за една уникатна школска програма, интернатското школо Остерсков во Данска, каде тинејџери низ двегодишна настава чија специфика е играње улоги се справуваат со своите трауми.

Во селекцијата Напреден филм, Златниот Александар и 6.000 евра го осови „Реас“ од Лола Аријас, а жирито рече дека филмот „се занимава со релевантно општествено прашање кое е и навремено и итно. Неговото влијание се протега многу подалеку од границите на екранот, инспирирајќи ја публиката да преземе акција кон позитивни промени“.

Сребрениот Александар и 3.000 евра го доби „Линии на желби“ од Жил Роскам, а специјална награда доби „Авант-дрег!“ од Фил Иеропулос.

 

(Фото: ТДФ)

М. КОСТОВА