ФИЛМОТ НА МКЦ „ЕФТЕРКЛАНГ: МАКЕДОНИУМ БЕНД“ ИМА СВЕТСКА ПРЕМИЕРА НА 23 МАРТ ВО ДАНСКА

Скопје, (СМАРТ. СДК.МК)

Филмот во продукција на Младински културен центар (МКЦ), „Ефтеркланг: Македониум бенд“, во режија на Данецот Андреас Јонсен, ќе има светска премиера на 23 март на еден од најголемите светски фестивали за документарни филмови CPH:DOX во Копенхаген. Од МКЦ велат дека музичкиот документарен филм, кој се снимаше лани во април, ја следи групата „Ефтеркланг“ во потрага по македонски музичари, со цел составување голем ансамбл и нивен перформанс пред споменикот „Македониум“ во Крушево.

На премиерата во Данска ќе има концерт на целиот ансамбл, во кој членуваат 22 македонски музичари. Ќе бидат отсвирени најпознатите песни од „Ефтеркланг“, како и македонски песни и џез стандарди во препознатливиот народен ритам.

Во ансамблот членуваат и Женскиот младински хор при МКЦ со 16 хористки и музичарите Стефче Стојковски, Дејан Спасовиќ, Дина Јашари, Ива Дамјановски, Мартина Баракоска и Јане Трајковски.

„Неверојатно сме возбудени за шансата да се испробаме и во филм. МКЦ стои гордо како продуцент на овој музички документарен запис, чија идеја потекна токму оттука, од настапот на ‘Ефтеркланг’ на музичкиот фестивал Здраво млади. Инспирацијата е од Крушево, од монументалноста на споменикот ‘Македониум‘, кој покрај државотворниот симболизам, буди и чувства на уметничка независност“, изјави Владица Младеновски-Грга од МКЦ.