КНИГАТА „ДЕТСКИТЕ МЕЧТИ“ ОД ЛИЛА АРСОВА ПРОМОВИРАНА ВО ВЕЛЕС НА СВЕТСКИОТ ДЕН НА ЛИТЕРАТУРАТА ЗА ДЕЦА

Велес, (СМАРТ СДК.МК)

Велешката авторка Лила Арсова денеска, на Светскиот ден на литературата за деца, ја промовираше нејзината осма книга „Детски мечти“.

„Сите мои дела се наменети за децата и младите, иако книгата нема возрасна граница. Уживам додека ги пишувам, уживам додека ги читам, уживам додека ги раскажувам“, кажа Арсова, која е одделенски наставник во подрачното училиште на ОУ „Васил Главинов“.

Книгата „Детски мечти“ е наградена на конкурсот „Пелистерски ракувања“ од Битола. Промотор на книгата беше проф. д-р Васил Тоциновски.

„Новата книга на Арсова е концепт кој нуди седум приказни, бајки, за секој ден од седмицата по една. Централна личност е детето, кое е секундарна појава, бидејќи сѐ околу него е она што ја интересира авторката. Тоа се домот, семејството, традицијата, пријателството. Детските мечти се филозофија за пријателство и другарување на детето со животните и растителниот свет“, кажа Тоциновски.

П. ПЕЧКОВ