Четвртото издание на Фестивалот на грчки филм во Скопје ќе се одржи од 7 до 9 април во Кинотеката, а од 8 до 10 април во Битола во киното Манаки. Го организираат Амбасадата на Грција и филмскиот фестивал Киненова. Секоја од трите вечери од 20 часот ќе има проекција на еден краток и на еден долгометражен филм.
Отворањето е на 7 април со краткиот филм „Тишината на рибата што умира“ на Василис Кекатос, а потоа следи проекцијата на трагикомедијата „Не би сакал да сум непристоен, но мораме сериозно да разговараме“ на режисерот Јоргос Георгополус.
Следниот ден ќе се прикажат „Бјути“ на Танос Либерапулос и „Невидлив“ на Димитри Атанитис. На затворањето на 9 април се проекциите на „Поглед од балконот“ на Арис Капланидис и „Жена-убиец/Фониса“ на Ева Натена.
Говорејќи за фестивалот на кој ќе се прикажат современи грчки филмови, амбасадорката Софија Филипиду кажа дека македонската публика ќе има чест да го види новиот филм на Ева Натена многу брзо по грчката премиера. Дејството на филмот се случува на грчки остров околу 1900 година.
Б. НЕСТОРОСКА
Фестивалот го најавија Флорентија Киорици од грчката амбасада, директорот на Киненова Небојша Јовановиќ и амбасадорката на Грција, Софија Филипиду (Фото: K. Попов)