ПАПАРАЦИТЕ СЕ НЕГАТИВЦИ ВО ФИЛМОТ ЗА ЕЈМИ ВАЈНХАУС, НЕ НЕЈЗИНИОТ ПОРАНЕШЕН СОПРУГ, РЕЧЕ РЕЖИСЕРКАТА ТЕЈЛОР-ЏОНСОН

Лондон, (Би-Би-Си)

Од 12 април, во кината во Англија ќе игра биографскиот филм за Ејми Вајнхаус, „Back To Black“, во режија на Сем Тејлор-Џонсон. Филмот ја следи Вајнхаус низ нејзините динамични рани години во Лондон и интензивното патување до славата.

Пејачката, која почина во јули 2011, ја глуми 27-годишната англиска актерка Мариса Абела, која зад себе нема многу улоги, но се појави во „Барби“.

Ејми Вајнхаус ја глуми 27-годишната англиска актерка Мариса Абела, која зад себе нема многу улоги (Фото: ПА/студио „Канал“)

Во нејзиниот краток живот, Ејми Вајнхаус стана музичка легенда, но нејзиниот проблематичен личен живот често беше под лупа на јавноста, а врската со Блејк Филдер-Сивил беше следена од таблоидите.

Режисерката Тејлор-Џонсон вели дека папараците и зависноста се негативците во филмот, а не поранешниот сопруг на Вајнхаус, кого го игра Џек О’Конел.

„Не беше мое да судам. Моравме да разбереме зошто Ејми се вљубила во него. Моравме и ние да се вљубиме во него за да разбереме зошто таа го напиша еден од најголемите албуми за нивната љубов“, кажа режисерката.

По објавувањето на трејлерот, некои корисници на социјалните мрежи напишаа дека Абела не изгледа и не звучи доволно добро како Вајнхаус.