Неколку стотици членови на десетина фолклорни ансамбли од Хрватска, Босна и Херцеговина и Македонија учествуваа на Велигденските фолклорни средби, кои традиционално се одржуваат една недела по Велигден кај манастирот „Св. Недела“ кај Штип.
„Првпат сме во Македонија и спремивме настап со посебна кореографија и со учество на 50 членови на нашиот ансамбал од хрватското гратче Чичe. Воодушевени сме од гостопримството и од природната убавина што го краси целиот овој комплекс кај Штип“, велат младите членови Јаков Драгосављевиќ и Рафеал Бризнис.
Истото задоволство го искажуваат и членовите на КУД „Преродба“ од мало место близу Зеница во БиХ. Велат дека за нив ова е ново доживување и големо искуство.
На Велигденските фолклорни средби учествуваа и ансамбли од Крива Паланка, Лозово и Драчево и неколку пејачки фолклорни групи од други градови во Македонија.
Т. ЈОВАНОВСКИ